Курс за развивање на вашите вештини и стратегии за да им помогнете на лицата со аутизам да ги надминат предизвиците што може да ги доживеат за време на посетата на здравствени установи.
Зголемената преваленца на нарушувањата од спектарот на аутизмот (НСА) наметнува итна потреба од специјализирана обука за здравствени работници за подобрување на пристапот до потребните услуги. Глобалната преваленца на НСА се проценува на приближно 1 од 100 деца, или околу 1%, според неодамнешните студии.
Зголемената идентификација на случаи на НСА изискува давателите на здравствени услуги да бидат добро подготвени за да се справат со специфичните предизвици со кои се соочуваат лицата со аутизам, со што ќе обезедат дека тие лица ја добиваат соодветна грижа и поддршка во текот на целиот живот.
И покрај зголемениот број, многу здравствени работници изјавуваат дека не се чувствуваат подготвени да ги задоволат потребите на пациентите со аутизам. Студиите покажуваат дека несоодветна обука може да доведе до погрешни дијагнози, несоодветни планови за лекување и недостаток на разбирање на специфичните здравствени потреби поврзани со НСА. Покрај тоа, неодамнешните студии покажуваат дека луѓето со аутизам почесто користат услуги на оддели за итни случаи, бидејќи поретко користат превентивни здравствени услуги. Здравствениот систем често е нефлексибилен да одговори на спецификите во третманот на пациенти со аутизам, иако пациентите се јавуваат на третман за соматски болести и состојби, што се заеднички за сите луѓе, а не е нешто тесно поврзано со аутизмот. Други извештаи сугерираат дека луѓето со аутизам умираат во просек 12 години порано од општата популација (Вестминстерска комисија за аутизам, 2016). Оваа бројка е уште поголема за оние кои имаат дополнителна попреченост (Менкап, 2018; Менкап, 2012). Како резултат на тоа, некои луѓе со аутизам можат да се изолираат и да одберат да не одат во одредени здравствени средини бидејќи ги сметаат за премногу вознемирувачки.
Со спроведување на сеопфатни програми за обука фокусирани на стратегии за подигање на свеста за аутизмот и интервенција, давателите на здравствени услуги можат да ја подобрат својата способност за обезбедување ефикасна грижа. Ова не само што им користи на лицата со аутизам, туку и промовира поинклузивна здравствена средина каде што сите пациенти се чувствуваат разбрани и поддржани. Затоа, развивањето на насочени иницијативи за обука е од суштинско значење за премостување на јазот во пристапот до здравствена заштита за лицата со аутизам и за обезбедување дека тие ја добиваат квалитетната грижа што ја заслужуваат. Проектот „HeAlth: Подобрување на пристапот до здравствени услуги за лицата со аутизам“ е посветен на зголемување на ефикасноста на здравствениот систем, намалување на трошоците за лекување, но и намалување на анксиозноста и кај давателите на здравствени услуги и кај пациентите со аутизам, во ситуации кои бараат медицински третман. Темите во овој курс се резултат на богатото искуство на партнерите во проектот и истражување кое беше спроведено во првата фаза од проектот. Истражувањето вклучуваше здравствени работници, лица со аутизам и членови на семејствата од Шпанија, Кипар, Србија и Северна Македонија. Овој курс е претходник на сеопфатна програма за обука која е достапна на платформата на проектот и претставува резиме на сите клучни теми опфатени со програмата за обука.